Организацијата за борба против сиромаштијата, Оксфам, објави дека секоја минута во светот 11 лица умираат од глад, како и дека бројот на гладни низ целиот свет е зголемен за шест пати во текот на една година.
Во извештајот под наслов „Вирусот на глад се множи“, Оксфам истакнува дека бројот на смртни случаи од глад го надминува бројот на смртни случаи од коронавирусот, бидејќи околу 11 луѓе умираат секоја минута, пренесува АП.
„Статистиката е застрашувачка, но мора да имаме предвид дека овие луѓе се соочуваат со незамисливо страдање. Дури и една личност што умира од глад е премногу“, рече претседателот на Оксфам, Аби Максман.
Оксфам наведува дека 155 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со неизвесност кога станува збор за храната, и дека тоа е за околу 20 милиони повеќе од минатата година. Околу две третини од нив се соочуваат со глад поради воени конфликти.