Завршена изградбата на најтенкиот облакодер на светот (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
313 прегледи

Последните елементи од надворешната обвивка беа додадени на супервисокиот облакодер во Њујорк, познат како Steinway Tower, која е и најтенката во светот и втора највисока на западната хемисфера.

Кулата висока 435 метри, потпишана од SHoP Architects, е завршена минатата недела, а инвеститорите најавија дека е подготвена да се вселат првите станари.

Сместена во таканаречениот „Ред на милијардери“ во центарот на Менхетен, кулата ја достигна својата супер височина во 2018 година, а со сооднос висина-ширина од 24:1, се смета за најтенкиот облакодер во светот.

Кулата беше најавена во 2013 година, за следната година проектот да започне со полна брзина, но изградбата запре во 2017 година поради финансиски причини.

Според архитектите од SHoP, кулата била изградена од бетон со најголема цврстина во светот.

Кулата може да прими еден луксузен стан по кат, плус 14 во дел од зградата наречена Steinway Hall, достигнувајќи вкупно 60 станбени единици.

„Секоја предрасуда што ја имаше нашиот тим за облакодерите во развојот на Њујорк е заменета со можност да се направи нешто што никогаш досега не било направено“, изјави Грег Паскварели, директор на SHoP Architects, за „Dezeen“.

„Како њујорчани, ние сме неверојатно горди што можеме да додадеме нова икона на нашиот хоризонт“, додаде тој.

Зградата се стеснува до прав раб на нејзиниот врв. Нејзините источни и западни фасади се покриени со теракота плочки со бронзени акценти, додека стаклените завесни ѕидови гледаат на Централ Парк на север и Долен Менхетен на југ.

Во зградата има и 25-метарски базен, како и други луксузни содржини, вклучувајќи приватна трпезарија и фитнес центар со двојна висина со тераса, додека ентериерот го направи Studio Sofield.