Завршени руско-американските преговори, траеле 12 часа

од Milan1
58 прегледи

Делегациите на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави вечерва ги завршија разговорите во Саудиска Арабија, пренесува РИА Новости.

Разговорите траеја повеќе од 12 часа. Претходно, извор на руската агенција изјави дека двете делегации го договараат текстот на заедничката изјава. Претседателот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Григориј Карасин, претходно денеска изјави дека „состанокот поминал во креативна атмосфера“ и дека „страните имаа интересна дискусија за актуелни теми“. Покрај Карасин, во руската делегација беше и Сергеј Беседа, советник на директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Американската страна на преговорите ја претставуваа директорот за планирање политика на Стејт департментот Мајкл Антон, помошниците на специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина и Русија Кит Келог и претставници на советникот за национална безбедност Мајкл Волц, објави претходно Волстрит журнал.

Експертскиот состанок на техничките тимови од Русија и САД почна утрово, а се одржа зад затворени врати во хотелот Риц-Карлтон во Ријад.

Како што претходно соопшти Кремљ, средбата главно била посветена на темата Црноморска иницијатива, која била предмет на разговор и при последниот телефонски разговор меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп на 18 март.

Мајк Волц претходно потврди дека делегациите ќе се фокусираат на прашањето за прекин на непријателствата во Црното Море.

Тој изјави дека во следната фаза од преговорите Русија и САД ќе разговараат за прашања поврзани со верификацијата на прекинот на огнот, мировниот контингент, како и сопственоста на територии, пренесува Танјуг.

Пред разговорите, американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф рече дека САД очекуваат „вистински напредок“ за време на консултациите во Ријад, вклучително и прекин на огнот во Црното Море. После тоа, рече тој, „природно ќе се бара целосен прекин на огнот“.

Слични содржини