Заврши судската драма – „Х“ се враќа во Бразил

од Nikola Popovski
48 прегледи

Врховниот суд на Бразил донесе одлука за укинување на забраната за социјалната мрежа Х, откако платформата беше блокирана повеќе од еден месец поради спор околу ширењето на дезинформации.

Пресудата доаѓа откако „Х“, во сопственост на милијардерот Илон Маск, ги почитуваше судските наредби и плати милиони долари казни за непочитување на судските наредби.

Судијата Александре де Мораеш одлучи дека на X платформата треба да и се дозволи веднаш да се врати на бразилскиот пазар, откако ќе се исполнат сите услови.

Конфликтот меѓу Илон Маск и судијата Мораес трае со месеци, а главната причина е обвинението дека платформата поддржува мрежа на профили познати како „дигитални милиции“, кои шират лажни вести и закани упатени кон судиите на Врховниот суд. Маск жестоко реагираше на овие обвинувања, нарекувајќи го судијата Мораес „злобен диктатор“ и споредувајќи го со Волдеморт, негативецот од серијата „Хари Потер“.

Проблемот дојде до израз кон крајот на август, кога судијата Мораес нареди целосно суспендирање на Х бидејќи не ги деактивираше профилите на поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, ниту пак назначи правен застапник во Бразил. После тоа, платформата мораше да плати казна од околу 5,2 милиони долари и да ги исполни сите услови за да се укине забраната.

Откако беа исполнети сите услови, Врховниот суд нареди мрежата Х повторно да биде достапна за милиони бразилски корисници. Оттаму брзо реагира на враќањето, нагласувајќи дека се горди што се вратиле во Бразил и ќе продолжат да ја бранат слободата на говор во законски граници.

Според истражувањето на пазарот, околу 40 милиони Бразилци користат X барем еднаш месечно, што ја прави оваа платформа исклучително важна за општествениот живот во земјата.

Иако многу Бразилци, вклучувајќи го и претседателот Луис Игнасио Лула да Силва, се префрлија на алтернативни платформи како што се „Threads“ или „Bluesky“ за време на забраната, ниту една од овие мрежи не успеа да ја достигне популарноста што X ја ужива во Бразил.

Слични содржини