Завршни зборови за “Трезор”

од Берта Китинска
347 прегледи

Обвинителот Трајче Пеливанов во своите завршни зборови за предметот „Трезор“ кажа дека за набавката која се случила во 2010-та година, наместо Министерството за внатрешни работи директно да склучи договор со британската фирма, тие договориле набавката да биде извршена преку фирмата „Финзи“ како посредник.

Како што појасни обвинителот оваа фирма била регистрирана во САД, а управител бил најпрвин обвинетиот поранешен помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, а потоа и починатиот Коста Крпач. Краен сопственик на оваа фирма на крајот се јавува бизнисменот Орце Камчев.

Приливот на парите доаѓал преку сметка од Кипар, а првата деловна активност „Финзи“ ја имала преку договорите за набавка на опремата од британската фирма „Гама Интернешнл“.

Тројца од обвинетите ја склучиле зделката во Лондон, а според обвинителството, со ваквиот начин на набавка преку фирма посредник е да се прибави корист за „Финзи“ која е основана преку офшор компанија. Со ова, бил оштетен државниот буџет.

Во овој случај обвинети се Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во Управата, Тони Јакимовски, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Слични содржини