Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка вчера одржале средба со Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата за економски прашања.
На состанокот била разгледана ситуацијата во која оштетените штедачи ги споделиле барањата за итно решавање на овој проблем со кој што се засегнати голем број на физички и правни лица, и воедно споделиле некои од проблемите со коишто се соочуваат и ќе се соочуваат оштетените граѓани, физички и правни лица, по пропаѓањето на Еуростандард банка, доколку не се реши проблем.
„Состанокот помина во конструктивна атмосфера и Премиерот Заев не увери дека сите предлози ќе бидат разгледани од страна на институциите и дека ќе се бара решение се со цел да не трпиме последици ние граѓаните и фирмите. Иницијативниот одбор ја поздравува отвореноста на премиерот Заев и на Владата со цел изнаоѓање решение на овој проблем и исто така најавуваме дека следните денови ќе побараме од сите парламентарни партии поддршка за решавање на овој проблем во кој сме инволвирани без наша вина“, велат оттаму.
Тие ги повикаа сите политичките партии и другите релевантни субјекти да ги поддржат во разрешување на проблемот во најскоро можно време и да не ја користат нивната мака за меѓусебни обвинувања, туку напротив сите заедно да се ангажираат во изнаоѓање праведно решение.
„Исто така ги замолуваме сите заинтересирани оштетени физички и правни лица кои досега не се имаат зачленето во Здружението да пратат апликација за членство во Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ на следната емаил адреса: [email protected] и заедно сплотени да се фокусираме на изнаоѓање решение со кое никој нема да биде оштетен“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард.