Треба да ја преземеме одговорноста за иднината, заеднички да се мобилизираме околу основниот консензус за есенцијалното прашање за нашата македонска Република, полноправно членство во ЕУ како врв на патриотизмот на новото време, на новиот македонизам, порача генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на средба со членови и симпатизери на партијата во Прилеп.
Зечевиќ повика на обединување за европската иднина на земјата и градење мостови внатре во македонското национално ткиво и надвор, со почитување на македонскиот идентитет.
-Во актуелниот историски миг, како македонска нација и како македонската држава, стоиме исправени “среде витлавици мрежни”, како што вели Вапцаров. Градот херој Прилеп знае колкуе е важно заедничкото делување во сериозни времиња. Сегашниот историски миг детерминира две работи: првата е градење мостови внатре во македонското ткиво. Втората е градење мостови на пријателство и добрососедство надвор, со почитување на македонскиот идентитет и достоинство. Ние како народ, со слободарски и прогресивен дух, мора да ги препознаеме знаците на новото време. Затоа, да работиме на внатрешното помирување, на македонското обединување околу европскиот правец, и тоа во најшироката смисла: национална, меѓунационална, политичка и државна, како врвот на патриотизмот на ова ново време. Новиот македонизам и патриотизам се вредностите на македонската европеизација!, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.