Обединувањето околу стратешката цел поставена уште од независноста, полноправно членство во ЕУ е суштината на современиот македонизам, порача вечерва генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на средба со членови и симпатизери од општинската организација на партијата од Виница.
-Борбата на македонските револуционери, партизани, анти-фашисти е резултанта настаната со долгогодишно дејствување врз основа на идел за слободна, независна, призната и напредна македонска земја. Тој идел ги движел основоположниците на народното ослободување, македонски херои, генерации македонски синови и ќерки. Политичката борба на сегашните политичари е врз основа на тие вредности и идеали да ја заокружиме, да ја осигураме македонската иднина еднаш-засекогаш, со полноправно членство во ЕУ. Како Македонци со заштитен македонски јазик во големото семејството на европски народи, рамноправни, горди, достоинствени и побогати. Тоа е суштината на современиот македонизам, обединување околу оваа стратешка цел, рече Зечевиќ.
СДСМ, додаде Зечевиќ, 31 година е на вистинската страна на историјата. Денеска, вистинска страна на историјата се одлуките за обезбедување подобра иднина за младите дома, да создаваат и да се развиваат во својата македонска татковина која ќе биде дел од ЕУ, наместо во друга земја, рече генералниот секретар на СДСМ, Зечевиќ вечерва во Виница.