Опозициската Алијанса за Албанците (АА) со симболична акција пред Министерството за образование и наука (МОН), побара од ова министерство итно да го реши проблемот со учебниците за основците и средношколците.
Од оваа партија побараа од првиот човек на ова министерство Јетон Шаќири или да го реши проблемот со учебниците или да се повлече и да дојде некој друг кој знае, како што рече портпаролот на оваа партија Арбен Зеќири, „да го реши овој проблем“.
– Тука сме пред Министерството за образование и наука, кое сега го нарекуваме Министерство за уништување, да го кренеме гласот за проблем со кој се соочуваат основците и средношколците 43 дена од почетокот на учебната година. Во сите училишта учениците се соочуваат со недостиг од учебници, учат од преведени и фотокопирани книги. Учениците во ташните носат фотокопирани книги потешки отколку што дозволува законот, наставниците се жалат на други проблеми во училиштата, ширење на насилство и сл. Нормално, во отсуство на учебници со празни чанти, ќе има место за алатки кои не се дозволени во училиштето, изјави Зеќири, портпарол на АА.
Видовме, додава тој, во последните неколку дена како Министерството за образование се оправдуваа дека проблемот е стар, а не нов.
– Го потсетуваме министерот дека повеќето негови колеги беа од неговата партија ДУИ. Работата на министерот не е да игра гатачка и да ни кажува колку е стар проблемот, туку негова работа е да го реши проблемот со училишните учебници. Ние како АА нема да застанеме и ќе ја продолжиме оваа битка се додека секое дете не ги има книгите што му се потребни, нагласи Зеќири.
Тој апелира до сите други политички партии, невладини организации, странските амбасади во земјава, медиумите заеднички да ја развиваат оваа битка, и како што рече, „заеднички да им се обезбедат училишни учебници на учениците“.
– Министерот за образование и наука треба да си ја врши должноста, да работи со чест или да го остави местото на друго лице кое знае и има волја да го реши овој проблем, потенцираше Зеќири.
Од Министерството за образование и наука велат дека на почетокот на ноември се очекува учениците да добијат учебници. Речиси секоја година доцнат учебниците а овој пат доцнеа и сведителставата. Така свидетелствата за завршената учебна година се доделени дури во септември ова година.
Д.Ј.
Фото: Локално