Зеколи – Нема дијалог ако сите почнат да зборуваат истовремено

од Vladimir Zorba
94 прегледи

Во овие десет години многу групи на граѓани, интересни групи, партии, размислувања, движења, невладини организации, цели генерации се всушност држени во една хибридна состојба на молк и не им се даваше можност да се искажат и она од што се плашам дека одеднаш ќе дојдеме во една ситуација во која сите ќе сакаат да прозборат во еден момент и тоа може да создаде еден колапс на дијалогот во општеството, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи во неделното интервју на Радио Слободна Европа

зеколи

 

Господине Зеколи, гледате ли сериозна опасност од безбедносна криза во Македонија?

Во овој момент би се задржал само во конотација на конфликтозна состојба. Логично продолжение по политичката криза од 24 декември, па после и по државната криза која настапи со објавувањето на бомбите. Нормално е дека ќе се продолжи со оваа конфликтозна состојба бидејќи веќе се исцртани две страни, дијаметрално спротивни едни од други и со минимум простор за компромис. Се разбира, доколку продолжи на овој начин, состојбата ќе се компликува уште повеќе. Веќе имаме назнаки дека тоа полека повлекува и некои интересни групи од соседството, полека се рефлектира и на ориентационите политики на земјата и ако се додаде и предупредувањето кое дојде од САД пред неколку месеци за местоположбата на Македонија во однос на Западот и Истокот, тогаш фактички се создава една ситуација во која можноста за безбедносна компликација никако не може да се отфрли така лежерно, но повторно мислам дека тоа ќе зависи од настаните кои ќе се одвиваат во следните два месеци.

Велите групи од соседството. На какво инволвирање мислите кога споменувате ваков тип инволвирање?

Досега, и вашите читатели веднаш ќе помислат дека тоа се однесува на некои идеолошки или религиски групации, но доколку малку подлабоко влеземе, тогаш ќе сфатиме дека всушност станува збор за таа испреплетеност на организираниот криминал насекаде во регионот, кој, и покрај сите промени што се случија, тие останаа недопрени од никакви промени. По таа логика на дефиницијата, каде што е организираниот криминал и корупцијата, тогаш се разбира дека следуваат и другите пополитички форми на насилство или декадентност во општеството. Затоа, и самата местоположба на Македонија, кога ќе погледнете кои се проблемите во нашето опкружување, тогаш разбирате дека најголемата грешка е нашата состојба да ја гледаме изолирано, како некој остров во кој нема никакво влијание од надвор. Всушност оваа тензија, оваа загроза помеѓу смени на некои политики и генерации, некои промени на ова геостратешко подрачје упатуваат на тоа дека доколку тоа се игнорира, тоа може да биде навистина фатално за нас.

Реални ли се предупредувањата за можен граѓански конфликт во Македонија? Може ли на тој начин да се одвива ситуацијата?

Одбивам, поради таа желба да не допринесувам до таква атмосфера, да го користам терминот граѓански конфликт, доволно е да се каже само конфликт, но не само по таа основа. После десет години на ова бетон-барокно потиснување на општеството од страна на две партии, ние забораваме дека во овие десет години многу групи на граѓани, интересни групи, партии, размислувања, движења, невладини организации, цели генерации се всушност држени во една хибридна состојба на молк и не им се даваше можност да се искажат и она од што се плашам дека одеднаш ќе дојдеме во една ситуација во која сите ќе сакаат да прозборат во еден момент и тоа може да создаде еден колапс на дијалогот во општеството. Втората работа, повторно би сакал да подвлечам еден парадокс. Во диктатурата, која во очите на граѓаните симболизира ред, мир, правен поредок, одговорност, строгост, дисциплина, но парадоксално, во самото срце на диктатурата постои хаос, анархија, подобро кажано. Кога ги слушаме снимките во последните неколку месеци нам ни станува јасно дека проблемот со овој вид на владеење е што во самата врхушка на власта има еден анархичен однос кон законите, правилата, прописите, односно дека тие важат за граѓаните, но не важат за нив. Сега, кога ги правиме тие паралели, се сеќавам на таа славна изјава на Ричард Никсон дека доколку е наредено од претседателот, тогаш тоа секако е по закон, тоа е таа матрица на размислување. Опасноста е во тоа дека кога еден ден ќе се урне таа пирамида, стравувам дека таа анархија ќе се прелее на улиците.

Можно ли е политичко решение на проблемот ако земеме предвид дека опозицијата останува на своето барање за преодна влада, додека власта постојано истакнува дека тоа е крајно неприфатливо за нив?

Во секоја форма, политичкото решение е неизбежно, па дури и во најжестоките форми на таа конфликтна ситуација, пак политичкиот договор е тој кој ќе треба да ја разреши ситуацијата. Во оваа состојба јас веднаш ќе прифатам правна разрешница доколку се направи невозможното, доколку се изберат пет судии на кои двете страни ќе им веруваат, тоа е базично, но тоа нема да се случи.

 

Има два начини. Кога двете страни ќе се соочат со фактот дека нема каде да се оди или втората ситуација во која ќе бидеме принудени на тој однос „земи или остави“. Земи, во смисла дека сите ќе губите од тоа, но со надеж дека земјата, не велам државата, туку земјата ќе добие нешто од тоа. Остави, тоа ќе биде, барем за мене најужасното сценарио, е тоа да бидеме оставени во состојба на перманентна имплозија, да тонеме и да се давиме во своите недела.

 

целото интервју тука