Зелен хуман град: Колку Цементарница „УСЈЕ“ загадува, најдобро знаат луѓето што живеат во околината

од Nikola Popovski
207 прегледи

Во одговорот на УСЈЕ до ЗХГ преку медиумите, загадувачкиот капацитет безмалку кажува дека го прочистува воздухот со своето постоење. Колку Цементарница УСЈЕ загадува, најдобро знаат луѓето што живеат во околината на фабриката, реагираа денеска од Зелен хуман град (ЗХГ).

Од таму велат дека УСЈЕ е фатена на дело од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и инспектори на Град Скопје дека загадува повеќе од дозволеното, „а дрско лаже дека ЗХГ не објавува факти“.

-Имено, ДИЖС при вонредниот надзор на УСЈЕ откри и јавно објави дека кај котларата на мазут загадува двапати повеќе од дозволеното. Во дозволата на УСЈЕ е јасно наведено дека фабриката е задолжена самостојно и без одложување да го извести надлежниот орган за секакво надминување на дозволените вредности на загаденост. УСЈЕ не го направила тоа и ја прекршила обврската од дозволата, а со тоа го довела во ризик здравјето на скопјани, се вели во соопштението.

ЗХГ поставува неколку прашања до Цементарницата.

-Како инспекторот на ДИЖС го прифатил овој незаконски извештај? Зошто фали една цела табела со податоци од мерења во извештајот објавен од ДИЖС? Каде се мерењата од сите 10 оџаци на кои УСЈЕ е задолжена да мери континуирано? Зошто уште ги нема податоците од мерењата на ПМ 10 во кругот на УСЈЕ што ги спровел ДИЖС?!

За какви европски стандарди зборува УСЈЕ?! Да се наоѓаа во Европа, немаше да им биде дозволено да работат! На кого во Европа му е допуштено да работи со вакви бездни од пропусти во податоците за тоа колку загадува? Очигледно е дека податоците за вистинскиот степен на загадување што го произведува УСЈЕ или не се објавуваат или се бескорисни и со нив се манипулира наместо да се прикаже вистинската состојба. Затоа една недела по излегувањето на информацијата дека УСЈЕ загадува над дозволеното, јавноста уште не може да добие одговор на клучни прашања и не може да добие увид во конечните резултати. А во меѓувреме празнината од податоци се пополнува со бескрупулозните манипулации на УСЈЕ кои очигледно немаат никаква почит кон жителите на Скопје и го ставаат сопствениот профит пред заштитата на колективното здравје, стои во реакцијата од ЗХГ.

Слични содржини