Зеленски бара од Катар да го зголеми производството на енергенси

од Nikola Popovski
194 прегледи

УКРАИНСКИОТ претседател Владимир Зеленски денеска ги повика земјите-производители на енергенси да го зголемат своето производство за Русија да не може да го користи своето богатство од нафта и гас за, како што вели, „уценување“ на другите нации.

Обраќајќи се на форумот во Доха преку видео врска, Зеленски рече дека земји како Катар можат да придонесат за стабилизирање на Европа, пренесува Ројтерс.

– Иднината на Европа зависи од вашите напори. Ве повикувам да го зголемите производството на енергија со цел сите во Русија да разберат дека ниту една земја не може да ја користи енергијата како оружје и да го уценува светот, рече Зеленски.

– Прашање на време е кога европските земји ќе престанат да купуваат руски гас и нафта. Одговорните и доверливи земји, особено државата Катар, се сигурни добавувачи, додаде претседателот на Украина.

Но, европските државници веќе неколку пати напоменаа дека не размислуваат да се откажат од рускиот гас и по воведувањето на нови мерки и отежнати плаќања. Од друга страна, земјите како Катар немаат начин да го зголемат производството на гас или капацитетот што го имаат во моментов.

Зеленски, исто така, предупреди дека прекинот во синџирот на снабдување со храна може да влијае на секоја земја поради руската инвазија на Украина, која е еден од најголемите производители на житни култури.