Руското раководство потроши милијарди долари на пропаганда, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешниот говор и порача дека преговорите мора да бидат разумни и да го почитуваат суверенитетот на Украина.
„Сите точно знаете каков огромен државен пропаганден систем изгради Русија“, рече Зеленски во видео обраќањето до сонародниците во петокот вечерта. „Веројатно никој друг во светот не потрошил толку огромни суми на лаги“, тврди тој.
„Москва, сепак, не зеде предвид дека овие напори не гарантираат резултат“, рече тој.
„Онаму каде што патот на лагата мора да биде поплочен со пари, резултатот не е загарантиран“, рече тој и додаде: „Патот на вистината е тежок, но вистината го отвора својот пат“.
Преговорите со Русија мора да бидат разумни, а украинскиот суверенитет мора да биде загарантиран додека се обезбедува територијален интегритет, рече Зеленски во новото видео обраќање до сонародниците, пренесува Укринформ.
„Нашите бранители го водат руското раководство до едноставна и логична идеја: неопходен е разговор. Значаен, итен, праведен. Поради резултатите, а не поради доцнењето“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател во своето обраќање повтори дека во овој конфликт веќе се убиени 16.000 руски војници и праша што ги оправдува толку многу жртви, пренесува Укринформ.