Зеленски: Европа да ги затвори пристаништата за руските бродови

од Nikola Popovski
208 прегледи

Норвешка и остатокот од Европа треба да ги затворат своите поморски пристаништа за руските бродови, изјави во средата украинскиот претседател Володимир Зеленски пред норвешкиот парламент.

„Европската унија, а се надеваме и Норвешка, треба да им забранат на руските бродови да ги користат европските пристаништа се додека ги блокираат нашите пристаништа“, рече Зеленски преку видео-врска од Украина.

Тој додаде дека Украина и Норвешка, вториот најголем извозник на гас по Русија, започнале преговори за испорака на 5 милијарди кубни метри гас за следната зима.

„Можете да дадете одлучувачки придонес за енергетската безбедност на Европа нудејќи им ги потребните ресурси и на земјите од Европската унија и на Украина“, рече тој.

„Веќе започнавме дијалог за залихите од околу 5 милијарди кубни метри за следната грејна сезона. Се надевам дека тоа ќе биде основата на нашата долгорочна соработка во оваа област“.

Нордиската земја минатата година извезла 113,2 милијарди кубни метри гас.