Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна синоќа издаде извршна наредба за разрешување на шефот на Службата за државна безбедност Иван Баканов и државната обвинителка Ирина Венедиктова поради, како што наведе, многубројните случаи на соработка на вработени во нивните служби со Русија.
На официјалната веб-страница на претседателот се објавени наредби за разрешување на Баканов, пријателот на Зеленски од детството, и Венедиктова, која е задолжена за гонење на наводните руски воени злосторства во Украина, објави Ројтерс.
Во посебна објава на платформата Телеграм, Зеленски информирал дека повеќе од 60 службеници од обвинителството и Службата за државна безбедност работат против Украина на териториите окупирани од Русија.
Тој додаде дека во службите на чело со Баканов и Венедиктова се регистрирани 651 случај на предавство и соработка со непријателот.