Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, даде интервју за емисијата „60 минути“ (60 минути, англиски) на телевизијата „CBS“, при што го покани американскиот лидер Доналд Трамп да ја посети неговата земја.
„Сакаме да дојдете и мислам дека треба да дојдете и да видите. Мислите дека разбирате што се случува овде. Во ред, ја почитуваме вашата позиција. Разбирате, но, ве молам, пред какви било одлуки, каков било облик на преговори, дојдете и видете ги луѓето, цивилите, воините, болниците, црквите, децата уништени или мртви. Дојдете, погледнете, па потоа да почнеме со план за завршување на војната“, порачал тој во интервјуто.
Зеленски додал дека со доаѓањето во Украина „ќе разбере со кого си има работа“, и дека ќе разбере што направил рускиот претседател Владимир Путин.
„Ништо нема да подготвиме. Нема да биде театар, со подготвени актери на улиците и во центарот на градот. Ние не го правиме тоа. Тоа не ни треба. Можете да одите точно каде сакате, во кој било град што беше нападнат. Тоа што го барам е само да дојдат и да разберат“, кажал Зеленски.
Зборувајќи и за контроверзната средба во Овалната соба каде дојде до конфликт со Трамп, Зеленски го критикувал Џеј-Ди Венс, потпретседателот на САД.
„Тоа е промена на тонот, всушност промена на реалноста и не сакам да учествувам во таа искривена реалност што ми се прикажува. Прво, не нападнавме за да започнеме војна. Ми се чини дека потпретседателот некако ги оправдува постапките на Путин. Се обидов да објаснам – не можете да барате нешто на средина. Има агресор и има жртва. Русите се агресори, а ние сме жртви“, потенцирал Зеленски.
На крајот од интервјуто Зеленски изјавил дека „безбедноста на светот е загрозена“ кога зборува за руската агресија врз Украина.
„Ако не бидеме цврсти, тој ќе продолжи понатаму. Тоа не се само празни шпекулации; заканата е реална. Крајната цел на Путин е заживување на Руската империја и повторно присвојување на териториите кои моментално се под заштита на НАТО“. Зеленски смета дека Русија, односно нејзиниот претседател Путин е безбедносен ризик за целиот свет.
Интервјуто е снимено во родниот град на украинскиот претседател Кривји Рих, каде пред неколку дена во руски ракетен напад загинаа четири лица.