Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети Херсон, неколку дена по повлекувањето на руските трупи од тој град во јужна Украина по неколкумесечна окупација, изјави сведок на Ројтерс, пренесува „Џерусалим пост“.
„Одиме напред“, им порача Зеленски на војниците и додаде: „Подготвени сме за мир, мир за целата наша земја“.
Тој им се заблагодари на НАТО и на другите сојузници за поддршката во војната против Русија.
На главниот плоштад се собраа и родители со деца, некои туркаа колички за бебиња.
Други вееја украински знамиња, додека некои го носеа знамето на рамениците.
„Навистина сум среќен, може да се види од реакцијата на луѓето, нивната реакција не е исценирана“, рече тој во коментар на кој сведочеше дописникот на Ројтерс од Херсон.
Запрашан каде би можеле следно да напредуваат украинските сили, тој рече: „Не во Москва… Не сме заинтересирани за териториите на другите земји“.
Неколку минути пред да пристигне, луѓето во центарот на Херсон можеа да слушнат гранатирање во близина. Откако Зеленски го заврши својот говор, низ градот одекнаа уште неколку експлозии од артилериски оган.
Украинските војници пристигнаа во центарот на Херсон во петокот, откако Русија го напушти единствениот регионален главен град што го зазеде откако Москва ја започна својата инвазија.