Украинскиот претседател Володимир Зеленски им понуди помош на украинските пожарникари за локалните власти во Лос Анџелес, откако беше критикуван од Доналд Трамп Џуниор, син на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.„
Зеленски рече дека му наложил на Министерството за внатрешни работи да подготви тим од Украина за да учествува во гаснењето на пожарите кои беснеат во Лос Анџелес веќе неколку дена.
Оваа понуда доаѓа неколку дена откако Трамп Џуниор на социјалната мрежа „Х“ соопшти дека американските власти „имаат пари за Украина, но не и за Лос Анџелес“.
Поточно, на помладиот Трамп му пречеше донацијата на пожарникарите од Лос Анџелес за Украина пред да започнат катастрофалните пожари кои резултираа со смрт на најмалку 24 луѓе и стотици милиони долари материјална штета.
Честа критика кон соработниците на идниот американски лидер, особено поконзервативните, е дека во Украина се испраќаат премногу пари, поради што често влегувале во директни конфликти со Зеленски.
Ова особено доаѓа во фокус кога природна катастрофа ги погоди САД, како што е случајот со овие пожари и, пред неколку месеци, со ураганот Милтон.
Додека неговите соработници, како и членовите на неговото семејство, остро ги критикуваа Зеленски и Украина, Трамп зазеде малку помек тон.
Од победата на Трамп во ноември, Зеленски јавно изјави дека нема да има промена во односот на Вашингтон кон ситуацијата во Украина и дека Трамп ќе продолжи да ја поддржува својата земја.