Претседателот Володимир Зеленски ги посетил украинските војници на југоисточниот фронт и им врачил медали, објави во неделата неговиот кабинет по интензивните шпекулации дека популарниот врховен командант на воените сили на Украина, Валериј Залужни, наскоро би можел да биде сменет од функцијата.
„За мене е чест што сум овде денес. Да ги поддржам војниците и да им оддадам чест, бидејќи тие се во тешка мисија да го одбијат непријателот и да ја одбранат Украина“, рекол Зеленски по посетата на регионот Запорожје.
Претседателскиот кабинет во соопштението за медиумите истакнал дека Зеленски ги посетил позициите на украинската армија кај селото Роботин, кое се наоѓа речиси на линијата на фронтот.
Посетата на претседателот на борбените линии доаѓа во време кога судбината на врховниот командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни е неизвесна.
Два извори во петокот соопштиле дека украинската влада веќе ја информирала Белата куќа дека планира да го отстрани Залузни од сегашната функција.
Идејата за разрешување на генералот Залужни, кој веќе се судрил со Зеленски за голем број прашања, уследи по минатогодишната украинска контраофанзива во која не беа вратени големи делови од териториите што ги држат Русите.
Познат како „железен генерал“, Залужни е многу популарен, па неговата смена од сегашната позиција може негативно да влијае на моралот на украинските војници кои држат позиции на фронтот долг повеќе од 1.000 километри. Таму се соочени со бројни руски воени сили вооружени со огромни резерви на муниција.