Украинскиот претседател Владимир Зеленски остро ја критикуваше светската безбедносна архитектура како целосно неадекватна, посочувајќи не само на војната во неговата земја, туку и на конфликтите на Балканот, Тајван и Кавказ.
„Сите овие ситуации изгледаат поинаку, иако ги обединува еден фактор: глобалната безбедносна архитектура не функционира“, рече Зеленски во своето секојдневно видео обраќање во средата навечер, што го пренесе агенцијата Дпа. Во него тој уште еднаш ја обвини Русија за кршење на меѓународното право во нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.
Зеленски ја нарече 2014 година „пресвртница“, по што меѓународната заедница едноставно ѝ дозволи на Русија да се извлече со незаконски дејствија како што е анексијата на Крим или соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ над регионот Донбас во источна Украина.
Војната во Украина покажа колку е кревка слободата, рече Зеленски, додавајќи дека на светот му е потребна „ефикасна глобална безбедносна архитектура која гарантира дека ниту една држава никогаш повеќе не може да користи терор против друга држава“.
Зеленски, исто така, ја обвини Русија дека само се преправа дека е отворена за мировни преговори, наведувајќи дека ако Москва навистина сака мирно решение на конфликтот, таа нема да се прегрупира во јужна Украина во моментов.