Зеленски ја поздрави првата испорака на жито, но предупреди дека на Русија не може да и се верува

од Vladimir Zorba
171 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави почетокот на извозот на жито од Одеса од почетокот на руската инвазија на крајот на февруари. Зеленски во своето секојдневно обраќање рече дека пристаништето започна со работа и додаде дека тоа може да се нарече првиот позитивен сигнал дека постои можност да се запре кризата со храна во светот.

Сепак, во исто време тој предупреди: „Не можеме да живееме во илузија дека Русија едноставно ќе се воздржи од обидот да го наруши украинскиот извоз. Русија постојано предизвикуваше глад во земјите од Африка и Азија, кои традиционално увезуваа значителни количини украинска храна. И сега, во услови на екстремни горештини, како годинава во Европа, закана од ценовна криза и одреден недостиг на храна постои и за некои европски земји“.

Тој додаде дека 16 бродови го чекаат својот ред да достават жито и рече дека Украина е подготвена да даде вистински придонес за стабилизација на светскиот пазар на храна. Посочи дека повеќе од милион работни места во Украина зависат од стабилизацијата на пазарот на храна, пренесе CNN.

Зеленски рече дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за извозот на земјоделски производи и одбранбените прашања, како и за финансиската поддршка за Украина. Тој вели дека побарал од Макрон да им помогне да го деблокираат макрофинансирањето што е закочено во Европа.

„Сакам да ги потсетам сите лидери дека тоа се 9 милијарди евра. Тоа за нас не се ситници, туку важни социјални работи – тоа се нашите пензии, тоа се нашите плати, поддршката за имигрантите“, заклучи Зеленски.