
Повеќето од украинските гласачи кои гласаа за претседателските кандидати, кои отпаднаа по првиот круг на изборите на 31 март, имаат намера во вториот круг да го поддржат Володимир Зеленски, кандидатот на партијата „Слуга на народот“, тврдат податоците од анкетата на социолошкиот центар „Олександар Разумков“, пишува рускиот весник „Известија“.
Во првиот круг, Зеленски доби 30,24 отсто од гласовите, а актуелниот претседател на Украина, Петро Порошенко – 15,95 отсто. Поранешната премиерка Јулија Тимошенко собрала 13,4 отсто, а прорускиот кандидат Јуриј Бојко – 11,67 отсто. Вториот круг меѓу Зеленски и Порошенко е закажан за 21-ви април.
Шефот на центарот „Разумков“, Михајло Мишченко во понеделникот изјави дека за Зеленски се канат да гласаат 41 од секои сто гласачи, кои во првиот круг ја поддржале Јулија Тимошенко, лидер на партијата „Баткившчина“. Само 10 отсто од поддржувачите сакаат да гласаат за Порошенко, цитира „Известија“ соопштение на украинскиот сајт „Лига“.
Зеленски, исто така, ќе добие поддршка од 35 отсто од луѓето што гласаа во првиот круг за Јуриј Бојко од партијата „Опозициска платформа за живот“. За Порошенко ќе гласаат само 2 отсто од нив, покажуваат анкетите.
„Електоратот на политичарите со највисок рејтинг, кои не се пласираа во вториот круг, е склон да гласа повеќе за Зеленски отколку за Порошенко“, резимира шефот на социолозите.
Сепак, позицијата на гласачите ќе биде значително под влијание на повиците од соодветните кандидати, додаде Мишченко.