Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди руските сили дека ќе се соочат со борба до смрт доколку се обидат да го заземат главниот град Киев. Сирените за воздушен напад повторно ги разбудија жителите во неделата наутро.
„Ако решат да го бомбардираат градот и едноставно да ја избришат историјата на оваа област… и да не уништат сите нас, тогаш ќе влезат во Киев. Ако тоа е нивната цел, нека влезат, но ќе мора да живеат на оваа земја сами“, рече Зеленски во саботата.
Претседателот, појавувајќи се на социјалните мрежи од главниот град, рече дека некои мали градови повеќе не постојат во третата недела од руските напади, што е најголемиот напад врз европска земја од Втората светска војна. Руското гранатирање зароби илјадници луѓе во опколените градови и испрати 2,5 милиони Украинци да избегаат во соседните земји.
Украина вчера ги обвини руските сили дека убиле седум цивили во напад врз жени и деца кои се обидувале да побегнат од борбите во близина на Киев. Украинското разузнавање соопшти дека седум од нив, вклучително и едно дете, биле убиени додека бегале од селото Перемоха и дека „окупаторите ги принудиле остатоците од колоната да се вратат“.
Ројтерс не можеше веднаш да го потврди извештајот, а Русија не одговори на прашањата за случајот. Москва негира дека цели на цивили по инвазијата на Украина на 24 февруари. Оттаму ја обвинуваат Украина за неуспешните обиди за евакуација на цивили од околните градови, што Украина и нејзините западни сојузници силно го отфрлаат.