Во видео порака објавена рано утринава, украинскиот претседател Володимир Зеленски и порача на Русија дека е „време за разговор“.
– Сакам сите да ме слушнат сега, особено во Москва. Време е да се сретнеме, да разговараме, да го вратиме територијалниот интегритет и правдата за Украина, или Русија ќе се соочи со такви загуби што следните неколку генерации нема да можат да го поправат тоа – изјави Зеленски на Фејсбук, пренесе Си-Ен-Ен.
Според него, акциите на руската армија ја влошуваат ситуацијата, а искрените разговори „без одлагање“ се единствениот начин да се запре натамошната штета.
– Секогаш сме инсистирале на преговори. Секогаш сме предлагале дијалог и предлози за мир. Не само во 23-те дена од инвазијата – додаде Зеленски.
Тој посочи дека досега се евакуирани 180.000 луѓе преку хуманитарни коридори, а до петокот функционираа седум коридори: шест во регионот Суми и еден во регионот Доњецк, јави Танјуг.
– Војната мора да престане. Украинскиот предлог е на маса – рече Зеленски.
Претседателот на Украина тврди дека руските сили намерно го блокираат снабдувањето со хуманитарна помош за градовите кои се на удар.
– Тоа е намерна тактика. Ова е воено злосторство и тие ќе одговараат за тоа, 100 отсто – рече Зеленски, пренесе Ројтерс.