Украинската влада одлучи да изврши задолжителна евакуација на населението од источниот регион Доњецк, местото на жестоките борби со Русија, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски.
„Колку повеќе луѓе го напуштат регионот Донецк сега, толку помалку луѓе ќе убие руската армија“, рече Зеленски.
Во обраќањето тој порача дека властите ќе ги искористат сите можности за да се спасат колку што може повеќе животи и да го ограничат рускиот терор.
Повик упати и украинската Владата, а вицепремиерката Ирина Верешчук изјави дека евакуацијата треба да се изврши пред почетокот на зимата бидејќи се уништени резервите на природен гас во тој регион и ќе претстои тешка зима.
Ова не е првпат украинските власти да ги повикаат жителите на Донбас да ја напуштат областа. Нивните проценки се дека во неокупираните делови на овој регион сè уште живеат помеѓу 200 000 и 220 000 цивили.
Последниот повик на Зеленски доаѓа откако претходно Русија ги повика Обединетите нации и Црвениот крст да ја истражат смртта на 50 украински воени заробеници во друг дел од регионот Донецк кој е под контрола на проруските сепаратисти.
Заробениците беа убиени под неразјаснети околности за време на напад врз затвор по што двете страни си ја префрлија вината меѓусебе.