Украинската амбасадорка во САД, Оксана Маркарова денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „дефинитивно нема да биде дел од делегацијата во преговорите со Русија“.
Таа за Си-Ен-Ен изјави дека украинскиот претседател останува да ја „брани земјата“, го повика рускиот претседател да ја прекине војната и рече дека Украина ќе испрати делегација на преговорите, пренесува Ројтерс.
Амбасадорката посочи дека Украина е секогаш подготвена за разговори, но дека не е подготвена да се предаде.
Украинските медиуми јавуваат дека претходно помошникот на рускиот претседател Владимир Медински изјавил дека преговорите ќе се водат во Гомел и оти таму заминала руската делегација. Сепак, „Спутник“ потоа објави дека место за средба ќе биде контролниот пункт Александровка-Вилча.
Како што пренесува украинскиот портал „nv.ua“, Сергеј Никифоров, задолжен за медиумите, им рекол дека преговорите со Руската Федерација нема да започнат уште неколку часа поради многу тешки логистички и безбедносни мерки за украинската делегација. Според него, на разговорите ќе работи напредна делегација, која треба да ги утврди условите за текот на понатамошните преговори. Тој истакна дека на дневен ред е прашањето за мирот.
Си-Ен-Ен, повикувајќи се на заменик-министерот за внатрешни работи на Украина, Јевхен Енин, јавува дека разговорите ќе се одржат во понеделник наутро по локално време. Руската страна се уште не ја потврди информацијата од Киев.