Одлуката на Европската комисија да препорача Украина да добие статус на кандидат за Европската унија ќе му помогне на Киев да победи во руската инвазија, изјави денеска претседателот на Украина Володимир Зеленски.
„Ова е првиот чекор на патот кон членство во ЕУ, поради кој нашата победа ќе биде поблиска. Благодарен сум на Фон дер Лејен и на секоја членка (ЕУ) за историската одлука“, напиша Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека очекува лидерите на владите на ЕУ да го одобрат предлогот следната недела, објави „Ројтерс“.
Европската комисија предложи Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ, изјави претходно денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и додаде дека тоа значи дека Украина спроведува реформи.
„Украина јасно ги покажа аспирациите и одлучноста на земјата да живее во согласност со европските вредности и стандарди“, изјави таа за новинарите во Брисел.
Таа наведе и дека Украина веќе применила околу 70 отсто од правилата на нормите и стандардите на ЕУ, но дека останува да се направи важна работа во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и олигарсите и основните права.