Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не може да посредува меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на војната.
Зеленски наведува дека тоа е задача што можат да ја преземат само светските сили како Кина, САД или ЕУ.
Орбан ги посети Киев и Москва минатата недела, а потоа во понеделникот се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, нарекувајќи го неговото неочекувано патување во Пекинг трет дел од „мировната мисија“.
Додека светските лидери се подготвуваат да се упатат на самитот на НАТО, кој започнува во вторник во Вашингтон, украинскиот претседател вели дека само моќна економска сила или земја со вооружени сили многу посилни од руските може да ја исполни задачата за посредување.
– Дали има многу такви земји во светот? Нема. Верувам дека САД и Кина се такви земји. Исто така ЕУ, не една земја, туку цела ЕУ. Тоа навистина може да биде посредничка мисија – рече Зеленски на прес-конференцијата одржана за време на посетата на соседна Полска.
Зеленски, исто така, рече дека преговорите на Орбан со Путин, кои предизвикаа неодобрување во ЕУ, не биле координирани со Киев.
– Дури и ако Путин се сретне со лидерот на одредена земја, тоа не значи дека тој сака да ја прекине војната, рече Зеленски.
Киев продолжува, додава Зеленски, да остане отворен за предлози од други земји за тоа како да се постигне патот кон мирот, но предлозите треба да бидат усогласени со украинската визија и особено со мировниот план од 10 точки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, да потсетиме, во понеделникот побара од полскиот премиер Доналд Туск да ги премести советските ловци МиГ во Киев!