Зеленски: Прашање на време е кога ќе си ја вратиме територијата

„Верувам дека запирањето на Путин и спречувањето на окупацијата на Украина е победа за целиот свет. Бидејќи Путин нема да запре на Украина“, изјави тој.

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Принтскрин, интервју на Зеленски за Би-Би-Си

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју изјави дека Владимир Путин мора да биде запрен бидејќи веќе ја започна Третата светска војна и цврсто отфрли каков било мировен договор кој би вклучувал откажување од територија. Во интервјуто одржано викендов во Киев, Зеленски нагласи дека Украина не ја губи војната, туку ќе победи во неа
и дека единствениот одговор на руската агресија го гледа во силен воен и економски притисок, пишува Би-Би-Си.

Интервјуто е одржано во конференциска сала во силно обезбедуваниот владин комплекс во центарот на Киев. Безбедносните мерки при влегување во претседателските згради се на исклучително високо ниво, што не е изненадувачки имајќи во предвид тоа што украинскиот претседател веќе беше цел на руски напади.

Според Зеленски, рускиот претседател веќе започнал конфликт од глобални размери, а единствениот одговор е да го принудат да се повлече. „Верувам дека Путин веќе го започнал. Единственото прашање е колку територија може да заземе и како да го запреме. Русија сака на светот да му наметне поинаков начин на живот и да ги промени животите кои луѓето сами си ги избрале“, рече Зеленски.

Запрашан за руското барање Украина да отстапи 20 проценти од регионот Донецк што сè уште го држи, како и дополнителни области во регионите Херсон и Запорожје, во замена за прекин на огнот, Зеленски одговори дека такви отстапки не доаѓаат во предвид.

„Јас тоа го гледам поинаку. Не го гледам само како територија. Го гледам како напуштање на нашите позиции, како слабеење и оставање зад себе стотици илјади наши луѓе кои живеат таму. Така го гледам тоа. И сигурен сум дека таквото „повлекување“ би го поделило нашето општество“, објасни тој.

Зеленски, исто така, ја отфрли идејата дека таков потег бил доволен за Путин. „Тоа веројатно би го задоволило за некое време, му треба одмор. Но, кога ќе се опорави – што нашите европски партнери велат дека може да потрае од три до пет години, но според мене би можел да се опорави за најмногу две години. Каде би нападнал тогаш? Не знаеме, но факт е дека би сакал да ја продолжи војната“, додаде тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп, во пресрет на последните преговори за прекин на огнот во Женева, изјави дека „за Украина би било подобро брзо да седне на маса“. Според западните дипломати, Трамп е во согласност со Путин уште од минатото лето дека територијалните отстапки се клучни за прекин на огнот, а многу аналитичари проценуваат дека Украина не може да победи во војната.

На прашањето дали Трамп и останатите аналитичари се во право, Зеленски одговори со контрапрашање. „Каде сте Вие сега? Денес сте во Киев, главниот град на нашата татковина, во Украина. Многу сум Ви благодарен за тоа. Дали ќе изгубиме? Секако дека не, бидејќи се бориме за независноста на Украина.“

Зеленски честопати велеше дека Украина може да победи, а сега појасни што би значела победата. Освен враќањето на нормалниот живот за Украинците, пошироката слика е фокусирана на глобалната закана за која, како што вели, ја претставува Путин.

„Верувам дека запирањето на Путин и спречувањето на окупацијата на Украина е победа за целиот свет. Бидејќи Путин нема да запре на Украина“, изјави тој. На прашањето дали победа значи враќање на целата територија, тој одговори потврдно.

„Ќе си ја вратиме целата територија, тоа е апсолутно јасно. Само прашање е на време. Да го направиме тоа денес би значело губење на огромен број луѓе, милиони луѓе, бидејќи руската армија е голема и ја разбираме цената на таквите чекори. Би изгубиле премногу луѓе. А што е држава без луѓе? Искрено, ништо“, изјави тој, додавајќи дека враќањето на „праведните граници од 1991 година“ не е само победа, туку и правда.

Осврнувајќи се на честопати контрадикторните изјави на Доналд Трамп, вклучително и обвинувањето дека тој е диктатор кој ја започнал војната, Зеленски се насмеа и кратко рече: „Јас не сум диктатор и не започнав војна, тоа е тоа“. На прашањето дали може да му верува на Трамп, Зеленски одговори дека не станува збор само за еден претседател, туку за Америка.

„Сите сме претседатели на одредени мандати. Сакаме гаранции, на пример, за 30 години. Политичките елити и лидери ќе се менуваат“, изјави тој, додавајќи дека американските безбедносни гаранции ќе мора да бидат потврдени од Конгресот за да бидат цврсти.

„Тие мора да се гласаат во Конгресот. Не станува збор само за претседатели. Конгресот е потребен. Бидејќи претседателите се менуваат, но институциите остануваат.“ Овие гаранции, вели тој, се предуслов за одржување на општи избори, кои САД ги бараат до лето.

„Ако тоа е условот за крај на војната, ајде да го направиме. На партнерите им реков: „Мора да одлучите една работа – дали сакате да се ослободите од мене или сакате да одржите избори? Ако сакате избори, тогаш организирајте ги праведно.

Нека бидат такви што украинскиот народ, пред сè, ќе ги признае. И вие самите мора да признаете дека се легитимни избори“, изјави Зеленски. Тој потврди дека сè уште нема одлучено дали повторно ќе се кандидира: „Можеби ќе се кандидирам, а можеби и нема.“

Иако има критичари во Украина, а неговата влада минатата есен беше потресена од корупциски скандал, Зеленски продолжува да ужива во висока поддршка од страна на јавноста. На своите сојузници понекогаш им е напорен со своите постојани барања за оружје, а најновата ставка на неговата листа е дозвола за лиценцирано производство на американско оружје, вклучувајќи ги противвоздушните ракети „Патриот“.

„Денес, клучното прашање е воздушната одбрана. Ова е најтешкиот проблем. За жал, нашите партнери сè уште не ни даваат лиценци за сами да произведуваме системи, како „Патриот“, или пак ракети за системите што веќе ги имаме. Досега немаме успеано во тоа“, рече тој. Прашан зошто, тој одговори: „Не знам. Немам одговор“.

На крајот од разговорот, прашан дали светот треба да се подготви за уште подолга војна, Зеленски се префрли на англиски. „Не, не, не… играте шах со многу лидери, не само со Русија. Мора да изберете повеќе паралелни чекори. И еден од овие паралелни патеки, верувам, ќе донесе успех.

За нас, успехот е запирање на Путин“. На констатацијата дека изгледа како Путин да не сака да ја заврши војната, Зеленски заклучи: „И да и не. Ќе видиме. Тој не сака, но само затоа што не сака, не значи дека нема. Ако даде Бог, ќе успееме. Ви благодарам.“