Зеленски предупредува: Путин ја користи војната во Иран

Во интервју за Би-Би-Си, тој го истакна проблемот со снабдувањето со ракети, предупредувајќи за можен недостиг на системот „Патриот“

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија остварува значителни приходи од продажбата на нафта по ублажувањето на санкциите од САД, но и дека долгорочниот конфликт на Блискиот Исток би можел дополнително да и користи на Москва.

Во интервју за Би-Би-Си, тој го истакна проблемот со снабдувањето со ракети, предупредувајќи за можен недостиг на системот „Патриот“. Според него, САД произведуваат околу 60 до 65 вакви ракети месечно, односно 600 до 700 годишно, додека повеќе од сто од нив биле користени веќе на првиот ден од конфликтот на Блискиот Исток.

„Дефинитивно ќе има недостиг, единственото прашање е кога ќе бидат исцрпени сите залихи на Блискиот Исток“, рече Зеленски.

Тој додаде дека долготрајната војна во Иран е во рацете на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи троши ресурси што инаку би биле достапни за Украина.

„За Путин, долгата војна во Иран е плус. За него е корисно ресурсите да не одат во Украина, против која тој води војна и се обидува да нè ослабне. Блискиот Исток е еден од начините да се постигне ова“, вели Зеленски.

Претходно, тој исто така предупреди дека зголемените приходи од извозот на нафта, по ублажувањето на санкциите, дополнително ја зајакнуваат руската воена машинерија и овозможуваат продолжување на агресијата врз Украина.