Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во посета на Германија во рамки на турнејата низ европските земји, чија цел е да се добие поголема помош за Украина, а за подоцна денеска е планирана посета на Франција.
Зеленски на социјалните мрежи, по пристигнувањето во Германија, напиша дека двата дена ќе се сретне со германски и француски партнери, дека ќе потпише билатерални договори за безбедносни гаранции за Украина и ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција.
Тој наведе дека Украина и нејзините сојузници вложуваат максимални напори војната да заврши што е можно поскоро под, како што наведе, „фер украински услови“ и да обезбедат траен мир.
Како што соопшти кабинетот на Зеленски, украинскиот претседател ќе потпише билатерални договори за безбедносни гаранции за Украина за време на неговата посета на Берлин и Париз.
Се уште не се познати деталите од договорот што треба да се потпише со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. Француските власти соопштија неколку детали за договорот Париз-Киев што ќе биде потпишан вечерва во Елисејската палата.
Француските власти соопштија дека договорот вклучува економски и финансиски елементи и не е ограничен само на воени.