Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска изјави дека во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рекол дека на неговата земја ѝ се потребни системи за ракетна одбрана за да ги спречи руските напади.
„Имав телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Позициите се усогласени пред самитот на НАТО во Мадрид“, објави Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека во разговорот е нагласена важноста од силен противракетен одбранбен систем за Украина, со цел да се спречат, како што рече, руските терористички напади, пренесе „Танјуг“.
Денеска во Мадрид започнува самитот на НАТО, на кој се очекува една од главните теми да биде новиот стратешки концепт кој Русија би ја дефинирал како директна безбедносна закана за Алијансата.