Русија оваа недела ја нападнала Украина со повеќе од 3.000 беспилотни летала, 1.450 наведувани бомби и 40 ракети, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој на Телеграм додаде дека Украина е погодена од „практично истите ударни дронови какви што се користат против земјите на Блискиот Исток и во регионот на Заливот“, а кои ги користи Иран.
Зеленски оцени дека руските „балистички ракети се користат против нас со ист цинизам како и против нашите партнери“ и додаде дека се залага за изградба на „заеднички и модерни одбранбени системи и за развој на заедничко производство на современо и ефикасно оружје“.
Генералштабот на украинската армија соопшти дека во саботата имало 236 судири.
Русија во саботата ја гаѓала Украина со ракети и извела „89 воздушни напади и фрлила 280 наведувани бомби“. Покрај тоа, како што се наведува, Русија употребила 8.769 беспилотни летала-камикази и извела 3.886 напади врз населени места и позиции на украинските сили.