Зеленски: Русија нема право да го уценува светот со нуклеарно оружје

од Vladimir Zorba
209 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија нема право да ја претвора нуклеарната енергија во оружје и да го „уценува светот користејќи нуклеарно оружје“.

На заедничката прес-конференција со директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси во Киев, Зеленски истакна дека вчера, на 36-годишнината од катастрофата во Чернобил, светот повторно е на само еден чекор од катастрофата, бидејќи како што тој рече, нуклеарната централа за руските сили е „само уште една борбена зона во која не се грижат за нуклеарната безбедност“.

Тој ги обвини руските сили дека не обрнуваат внимание на нуклеарната опасност, како и за грабеж и оштетување на неколку области на централата, вклучително и центарот за контрола на системот и лабораторијата, пренесе Си-Ен-Ен.

Украинскиот претседател смета дека Русија се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во регионот на Придњестровје, како и дека украинските вооружени сили се подготвени за можна ескалација на руските војници на оваа самопрогласена република на територијата на Молдавија.

Одговарајќи на новинарски прашања, по средбата со генералниот директор на МААЕ во Киев, Зеленски рече дека целосно ја споделува оценката за ситуацијата дадена од молдавската претседателка Маја Санду, пренесе Гардијан.