Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја обвини Русија дека планира да уништи брана на хидроелектрана во регионот Херсон, каде што украинските војници постојано напредуваат, пишува „Гардијан“.
Во четвртокот вечерта, Зеленски ја обвини Москва дека минирала важна брана на реката Дњепар во регионот Херсон, како и на блиска хидроелектрана.
Тој наведе дека со овој напад руските војници можат, меѓу другото, да го уништат дури и снабдувањето со вода на Крим од реката Дњепар, бидејќи „во случај на уништување на браната на ХЕ Каховка, Севернокримскиот канал едноставно ќе исчезне“.
„Таков напад на ХЕ Каховка ќе значи исто што и употребата на оружје за масовно уништување“, додаде Зеленски.
Браната и хидроцентралата работат со значително намален капацитет бидејќи областа беше окупирана од руските сили во март, а украинските сили се на околу 40 километри северно од браната, пишува „Гардијан“.