Зеленски: Русите уништија речиси 200 локации на украинско културно наследство

од Vladimir Zorba
204 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека над 200 локации на украинското културно наследство се уништени во последните 2 и пол месеци од почетокот на руската инвазија на таа земја.

„До 7 мај, руската војска уништи или оштети над 200 места на културно наследство“, рече тој во видео изјава во саботата во Киев.

Меѓу нив е и музејот на украинскиот поет и филозоф Григориј Сковорода во областа Харков, кој претходната вечер беше погоден со ракета, рече Зеленски.

Сковорода живеел од 1722 до 1794 година.

Зеленски рече дека останал без зборови откако руското гранатирање го уништи музејот посветен на Сковорода.

Ноќен напад во селото Сковородинивки во источна Украина удрил во покривот на музејот, ја запалил зградата и повредил 35-годишен чувар. Највредните предмети претходно беа префрлени на безбедно, изјави регионалниот гувернер на Харков, Олех Синегубов.

„Секој ден од оваа војна, руската армија прави нешто што ме остава без зборови. А потоа следниот ден прави нешто друго што ве тера да се чувствувате повторно исто“, рече Зеленски во доцното ноќно обраќање.

„Целни напади врз музеи – дури ни терористите не би размислувале за тоа. Но, тоа е армијата против која се бориме“, рече тој.

Сковорода, украински козак, последните години од животот ги поминал во селото Ивановка, кое подоцна во негова чест било преименувано – Сковородинивка.

„За жал, злото се враќа кога едни не ги почитуваат правата на другите, не ги почитуваат законите и го уништуваат културното наследство“, рече Зеленски.

„Токму тоа и се случи на Русија. Затоа треба да се браниме. Мораме да ги браниме нашите луѓе, градови, дури и музеи, кои стануваат мета на руските ракети“.

Светот ќе ја одбележи победата над нацистите во Втората светска војна во недела и понеделник, додаде тој. Но, руските потези треба „да ја потсетат секоја држава и секоја нација на фактот дека е невозможно да се победи злото еднаш засекогаш“, рече тој.

Слични содржини