Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека започнала руската офанзива на источна Украина, од која дел е во рацете на проруските сепаратисти и каде што конфликтите се интензивираат.
„Сега можеме да кажеме дека руските војници ја започнаа битката за Донбас, за која се подготвуваа долго време. Многу голем дел од целата руска армија сега е посветен на таа офанзива“, рече Зеленски во говорот емитуван на „Телеграм“.
„Колку војници и да однесат таму, ние ќе се браниме, ќе се бориме. Нема да се откажеме од ништо украинско“, додаде тој, пренесе Гардијан.
Повторувајќи ги своите коментари, шефот на претседателскиот кабинет на Киев, Андриј Јермак, рече: „Почна втората фаза од војната“.
Коментарите следеа по драматичната ескалација на рускиот напад пред долгоочекуваната операција. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека има намера да го заземе Донбас, индустриското срце во источна Украина, кое веќе е делумно контролирано од проруските сепаратисти.
„Сега можеме да констатираме дека руските трупи ја започнаа битката за Донбас, за која се подготвуваа долго време… Значителен дел од целата руска армија сега е фокусирана на оваа офанзива“, рече Зеленски.
Дека започнала офанзивата на руските сили на источна Украина, изјави и гувернерот на областа Луганск, Серхи Гаидаи.
„Тоа е пекол. Офанзивата започна, онаа за која зборуваме со недели“, истакна Гаидаи на Фејсбук, додавајќи дека имало судири во Рубижне и Попасна. Гаидаи претходно во Телеграм напиша дека четири лица се убиени денеска при обид да побегнат од Кремина, мал град во областа Луганск под контрола на руските сили.
Гувернерот на Доњецката област, Павло Кириленко од своја страна изјави дека денеска во рускиот напад во таа област загинале четири лица, пренесе Бета.
Алексеј Данилов, прес-секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, претходно објави дека „активната фаза на руската офанзива започна речиси по линијата на фронтот“, мислејќи на регионите Доњецк, Луганск и Харков, додавајќи: „Окупаторите се обидоа да ја пробијат нашата одбрана“, пренесе Гардијан.
Тој истакна дека украинската војска издржала се.
„Тие поминаа само низ два града – Кремина и еден мал град. Ние не се откажуваме од нашата територија“, рече тој.