Зеленски: Со нападите на Киев, Русија се обиде да ги понижи ОН

од Vladimir Zorba
304 прегледи

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во своето обраќање доцна синоќа го осуди воздушниот напад врз Киев што беше извршен за време на вчерашната посета на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и рече дека тоа „многу зборува за вистинскиот однос на Русија кон глобалните институции“.

Зеленски го обвини руското раководство дека се обидува да ги „понижи ОН и сето она што оваа организација го претставува“, додавајќи дека тоа „бара силен одговор“.

Нападите на Русија во други градови низ земјата, вклучително и Фастив и Одеса, „уште еднаш докажуваат дека не можеме да го спуштиме гардот“.

„Не можеме да ја сметаме војната завршена. Треба уште да се бориме. Ние сè уште треба да ги истераме окупаторите“, додаде тој.

Зеленски истакна дека е важно Гутереш да ги посети местата со масовни гробници во Бородјанка и во регионот на Киев за „со свои очи да види што направиле руските окупатори таму“.