Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде кратка изјава од Анкара за „Скај њуз“. На прашањето на новинарите дали има порака до рускиот претседател Владимир Путин, Зеленски одговори: „Тука сум. Мислам дека тоа е многу јасна порака“.
Изјавата доаѓа во време кога руската делегација веќе е во Истанбул, а Зеленски се среќава со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Сè уште не е познато дали Украина ќе испрати претставници во Истанбул или ќе се држи до барањето Путин лично да ги води преговорите.
Зеленски се сретна со Ердоган во Анкара
Неделата започна со шпекулации дека Володимир Зеленски и Владимир Путин би можеле да се сретнат денес. Наместо тоа, украинскиот претседател во моментов се среќава само со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и тоа во Анкара, а не во Истанбул, каде што руската делегација чека почеток на преговорите.
Средбата со Ердоган беше потврдена и со фотографиите објавени од Анкара. Засега нема информации дали Зеленски ќе испрати некого во Истанбул или дали Украина ќе остане на ниво на консултации со партнерите.
Кремљ: Путин нема да оди во Турција, ниту ќе се сретне со Трамп
Кремљ потврди дека рускиот претседател Владимир Путин нема да патува во Турција, ниту да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови, иако имаше шпекулации за можна средба меѓу нив двајцата со Зеленски.
Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека руската делегација е во Истанбул и ги чека украинските претставници од утрово. Руската делегација ја предводи претседателскиот советник Владимир Медински, кој го потврди своето пристигнување и изјави дека Русија сака да разговара за „фундаменталните причини за конфликтот“ и да воспостави траен мир во Украина.
Ваквите изјави укажуваат дека Москва нема намера да се откаже од своите клучни барања, вклучително и територијалните прашања, и останува неподготвена да се согласи на 30-дневен прекин на огнот што го бараат Украина и нејзините западни сојузници, но и Кина.
Имаше бројни шпекулации за тоа кој ќе ја претставува Украина на преговорите во Истанбул.
Според информациите на украинската редакција на Би-Би-Си, претседателот Володимир Зеленски, како шеф на делегацијата, може во секое време да одлучи кој ќе биде испратен во Истанбул. Сепак, сè уште не е објавено кој би можел да биде или дали воопшто ќе испратат некого.
Според достапните информации, сите членови на украинската делегација моментално се наоѓаат во Анкара, каде што се среќаваат со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.