Украина се подготвува да го зголеми извозот на електрична енергија во Европската унија (ЕУ) за да ѝ помогне „да се спротивстави на енергетскиот притисок“ од Русија, изјави синоќа украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„Ќе го зголемиме извозот на струја за потрошувачите во ЕУ“, рече Зеленски, пренесува „Бета-Франс прес“.
Неговата изјава доаѓа еден ден откако земјите-членки на ЕУ се договорија координирано да ја намалат потрошувачката на гас и на тој начин да ѝ помогнат на Германија по драстичното намалување на руските испораки.
Украина и ЕУ ја обвинуваат Москва дека го користи гасот како економско и политичко оружје.
„И покрај војната, во рекордно време обезбедивме интеграција на украинските мрежи во европскиот систем. Нашиот извоз ни овозможува не само да ја зголемиме девизната заработка, туку и да им помогнеме на нашите партнери да се спротивстават на рускиот енергетски притисок. Постепено ќе ја направиме Украина земја која ја гарантира енергетската безбедност на Европа“, рече Зеленски.