Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се заблагодари за конструктивниот разговор со американската делегација во Џеда, Саудиска Арабија, додавајќи дека Украина „уште еднаш покажа дека сака мир“.
Повикувајќи се на извор близок до Зеленски, „Ројтерс“ пренесува дека украинската и американската делегација разговарале за различни опции за безбедносни гаранции за Украина.
„Предлогот за прекин на огнот ќе покаже дали Русија сака мир или не“, рече изворот.
На состанокот во Џеда претходно денеска, Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот, а САД ќе ја прекинат паузата во обезбедувањето разузнавачка и безбедносна помош за Украина, пренесува „Танјуг“.
Киев, исто така, „ја изрази својата подготвеност да го прифати предлогот на САД за воведување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да биде продолжен со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација“, се наведува во заедничката изјава на двете делегации.
Се додава дека САД ќе ја информираат Русија дека рускиот реципроцитет е „клучот за постигнување мир“. Преговорите во Џеда траеја повеќе од осум часа.