Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се сретна со американски конгресмени со цел во последен момент да апелира да продолжи воената помош во борбата против Русија.
„Претседателот Зеленски ни стави до знаење дека му треба помош и дека може да победи во оваа војна доколку ја добие“, изјави демократот Чак Шумер по средбата.
Сепак, некои републиканци се скептични дека поголема помош може да и помогне на Украина да ја победи Русија, имајќи предвид дека летната контраофанзива на Украина не ги даде очекуваните резултати.
„Знам дека сите сакаат Украина да победи, но не гледам дека тоа ќе се случи наскоро“, изјави републиканскиот сенатор Рон Џонсон.
На вториот ден од посетата на Вашингтон, по разговорите со сенаторите, Зеленски треба приватно да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, а потоа во Белата куќа ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден.
На 4 декември, Белата куќа го извести Конгресот дека од јануари 2024 година, владата повеќе нема да може да финансира нови испораки на оружје за Украина. Од избувнувањето на конфликтот во февруари 2022 година, Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина, но не беа доделени нови средства откако републиканците го презедоа Претставничкиот дом од демократите во јануари оваа година.
Некои републиканци, особено оние кои се тесно поврзани со поранешниот претседател Доналд Трамп, се противат на новата помош за Украина и поставуваат прашања за целите на војната и како се трошат американските пари.
Зеленски ги повика членовите на Конгресот брзо да ги решат своите спорови и да обезбедат помош за Украина.