Украинскиот претседател Володимир Зеленски во моментов има говор пред Европскиот парламент во Брисел. Говорејќи преку видео врска, тој рече дека Украинците ја плаќаат „конечната цена“ бранејќи ја слободата.
„Не можам да кажам добро утро, добар ден или добра вечер. Затоа што за некои луѓе овој ден не е добар. За некои луѓе ова е последен ден“, рече тој.
Во емотивното обраќање тој рече дека најголемиот плоштад во Европа во Харков, е наречен „Плоштад Слобода“, вчера бил погоден од две руски ракети и дека загинале неколку луѓе.
„Секој поголем плоштад во нашата земја ќе се вика „Плоштад на слободата“, рече тој.
„Докажете дека сте со нас, дека нема да не оставите, докажете дека сте Европејци. И тогаш животот ќе ја победи смртта, а светлината ќе ја победи темнината. Слава на Украина“, рече Зеленски и додаде: „Никој нема да не скрши. Ние сме силни. Ние сме Украинци“.