Францускиот претседател Емануел Макрон денеска беше официјално примен од неговиот романски колега Клаус Јоханис во воената база Михаил Когалничану во областа Констанца, пренесе агенцијата „Франс прес“.
Јоханис истакна дека безбедносната соработка меѓу Романија и Франција се интензивира неодамна во екот на кризата предизвикана од агресијата на Руската Федерација против Украина. Тој рече дека посетата на Макрон е нов доказ за „одлични билатерални односи“ меѓу Романија и Франција.
Јоханис, исто така, повика Молдавија, Украина и Грузија да добијат статус на кандидат за ЕУ „што е можно поскоро“, додавајќи дека постојат шанси дискусиите за ова прашање да бидат финализирани на Европскиот совет подоцна овој месец.
Макрон, од своја страна, рече дека украинскиот претседател ќе мора да преговара со Русија, а Европејците ќе бидат со нив на преговарачката маса за да обезбедат безбедносни гаранции.
„Ние Европејците делиме ист континент, а географијата е тврдоглава и Русија ќе остане таму каде што е, каде беше вчера и каде ќе биде утре. Русија е застрашувачка сила и не сакаме да имаме војна со рускиот народ. Тоа не сме го кажале, но за да победи Украина и да престане огнот, треба да преговараме, украинскиот претседател ќе мора да преговара со Русија, а ние Европејците ќе бидеме присутни на оваа маса, со безбедносни гаранции. Ова е реалноста, тоа треба да се случи во одреден момент“, рече тој.
Францускиот претседател синоќа пристигна во Романија, а подоцна денеска ќе замине за Кишињев каде ќе се сретне со молдавската претседателка Маја Санду.