Зеленски во Осло се сретна со лидерите на нордиските земји: Ќе стоиме крај Украина колку што ќе треба

од Radmila Tasevska
166 прегледи

Лидерите на петте нордиски земји денеска му порачаа на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на заедничкиот разговор во Осло, дека ќе продолжат да ја поддржуваат неговата земја „се додека е потребно“ во нејзината борба против руските сили.

Зеленски дојде во ненајавена посета на норвешката престолнина по вчерашните средби со американските конгресмени и претседателот Џо Бајден во Вашингтон, каде што побара поголема воена помош со оглед на континуираниот скептицизам на клучните републиканци во Конгресот.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година, Норвешка, Шведска, Данска, Финска и Исланд досега во оваа земја испратија помош во вкупна вредност од околу 11 милијарди евра и се подготвени да продолжат да обезбедуваат поголема воена, економска и хуманитарна поддршка, соопштија петте земји во заедничката изјава.

„Нордиските земји ќе стојат покрај Украина се додека е потребно. Русија мора да ја прекине својата агресија и веднаш и безусловно да ги повлече своите сили од територијата на Украина до нејзините меѓународно признати граници“, се наведува во заедничката изјава, лиферувана по средбата со украинскиот претседател.

Данската премиерка Мете Фредериксен конкретно посочи дека нејзината влада во текот на оваа недела до парламентот ќе го  претстави новиот пакет поддршка за Украина во вредност од една милијарда евра.

Четири од петте нордиски земји се членки на НАТО, а Шведска во моментов исчекува секоја членка на Алијансата, вкупно 31, да и го одобри барањето за членство.

Зеленски претходно ја истакна важноста од зајакнување на воздушната одбрана на Украина откако Русија во текот на ноќта го погоди украинскиот главен град Киев со балистички ракети во вториот таков напад оваа недела.

-Денеска разговаравме и ќе разговараме за такви конкретни работи што можат да спасат илјадници и илјадници животи на Украина, но и да го зголемат притисокот врз агресорот, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере.

Премиерот Стоере додаде дека Норвешка на Киев ќе му донира три милијарди круни (околу 250 милиони евра), како дел од пакетот помош, претходно одобрен од норвешкиот Парламент, вреден 75 милијарди круни во период од пет години.

„Ние обезбедуваме насочена, долгорочна поддршка за да и помогнеме на Украина во нејзината битка за слобода и демократија“, се додава во соопштението на Стоере.

Слични содржини