На 27 јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во градот Дњепар, кој повеќе пати беше погоден од воздушни напади, додека руските сили започнаа нов бран напади со беспилотни летала и ракети врз цели во Украина во текот на ноќта, предизвикувајќи цивилни жртви и штета.
„Работниот ден го започнавме во Дњепар“, напиша Зеленски на Телеграм. „Посветено е големо внимание на снабдувањето на војниците со муниција… на ефикасноста на користењето на постоечките системи за противвоздушна одбрана и на зајакнувањето на воздушниот штит“, напиша Зеленски, осврнувајќи се на темите на разговори со воените и регионалните претставници.
Во меѓувреме, гувернерот на областа Одеса, Олех Кипер, рано на 27 јули изјави дека ракетите Калибр лансирани од руска подморница во Црното Море убиле чувар и оштетиле товарен терминал, јавува Радио Слободна Европа.
Одеса, главното украинско пристаниште на Црното Море, постојано беше цел на руски напади откако Москва се откажа од договорот за извоз на жито со посредство на ОН претходно овој месец.
Одделно, Генералштабот на вооружените сили во утринскиот извештај изјави дека Русија повторно користела беспилотни летала Шахед од иранско производство, додавајќи дека во моментов се разјаснуваат информациите за последиците од нападот со беспилотни летала.
„За жал, има жртви меѓу цивилното население, а уништени се и станбени објекти“, велат од армијата.
Двајца цивили загинаа во руско гранатирање во последните 24 часа во источните региони Доњецк и Харков, објавија регионалните власти на 27 јули.
Украинскиот министер за инфраструктура Олександар Кубраков рече дека Русија оштетила или уништила 26 пристанишни инсталации и магацини за жито откако одбила да го продолжи договорот со кој се дозволува украинската храна да продолжи да се извезува во светот.
Кубраков, говорејќи доцна на 26 јули, рече дека руските напади имале за цел „да го лишат светот од украинската храна, со што ќе се создаде глобална прехранбена криза“.
На 26 јули, сојузниците на НАТО и Украина ја осудија одлуката на Русија да се повлече од Црноморскиот договор за жито и, како што рекоа, намерните обиди на Русија да го запре украинскиот земјоделски извоз.
Договорот истече на 17 јули откако Русија се повлече од него, што според Обединетите нации „ќе им зададе удар на луѓето кои имаат потреба од храна насекаде“.
Москва објави дека причината за повлекувањето од договорот е тоа што нејзините барања за подобрен извоз на жито и ѓубрива не се исполнети.
Русија исто така соопшти дека бродовите што патуваат до украинските пристаништа на Црното Море ќе се смета дека превезуваат воен товар.