Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во петокот во интервју за Си-Ен-Ен дека во седумнеделната руска инвазија на Украина загинаа 2.500 до 3.000 украински војници, а десетици илјади се повредени.
Нема податоци за бројот на цивилни жртви, изјави украинскиот претседател за Си-Ен-Ен.
Тој истакна дека загубите на руската војска се многу поголеми и дека загинале 19 до 20 илјади руски војници. Москва минатиот месец објави дека 1.351 руски војник биле убиени, а 3.825 биле ранети.
Зеленски ја опиша воената ситуација на југот и на истокот на земјата како „сè уште многу тешка“, пофалувајќи ги неговите вооружени сили.
„Успесите на нашата армија на бојното поле се навистина значајни, историски значајни, но сепак се недоволни да ја исчистат нашата земја од окупаторите“, рече Зеленски во ноќното видео обраќање.
„Ние сепак ќе ги победиме“, додаде тој, повикувајќи ги сојузниците да испратат потешко оружје и да воведат меѓународно ембарго на увозот на руска нафта.
Најжестоките борби се водат во опколениот пристанишен град Мариупол во областа Доњецк.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека ја окупирало градската фабрика за челик Илич, што Ројтерс не може да го потврди.
Се верува дека украинските бранители најчесто се чуваат во Азовстал, друга огромна фабрика за челик. И двете фабрики се во сопственост на Метинвест, компанијата на најбогатиот Украинец.
Метинвест во петокот за Ројтерс потврди дека неговите фабрики никогаш нема да работат под руска окупација.