Земан ја повика Србија да биде медијатор меѓу Русија и Украина

од Nikola Popovski
188 прегледи

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан во Белград изјави дека Србија може да посредува за решавање на војната во Украина, засновајќи ја оваа оценка на фактот дека Белград не воведе санкции кон Москва, што, според него, „може да биде предност“ во улогата на медијатор.

„Позицијата на Србија за неутралност, дека не поддржува санкции против Русија, може да биде предност за евентуалната улога на медијатор бидејќи тој не смее јасно да стои на едната или на другата страна“, вели Земан на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како можни медијатори во војната ги гледа и Кина и Турција, како и Австрија, за која вели дека е „неутрална и членка на ЕУ, иако не е членка на НАТО“.

Вучиќ го истакнал договорот на Белград и Прага во однос на осудата на упадот и инвазијата на руските сили во Украина и почитувањето на територијалниот интегритет на таа земја, посочувајќи дека Србија е „единствената земја во Европа“ која не воведе санкции кон Русија и дека тоа „никогаш не го крие“.

„Испративме хуманитарна помош и поддршка на сите начини, ќе испратиме уште повеќе и ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина“, рекол Вучиќ.

Нагласувајќи дека за Србија „Донбас и Запорожје, Керсон и другите области се делови на Украина“ и дека тие се почитуваат „преку резолуциите, поредокот и Повелбата на ОН“, Вучиќ праша зошто другите земји „не ги почитуваат Повелбата на ОН и резолуцијата 1244“ кои го признаваат територијалниот интегритет на Србија врз Косово.

„Како ги почитувате сите резолуции, а не ја почитувате единствената што се однесува на нашиот територијален интегритет? Ставете се на наша позиција, во наша кожа, бараме да го разберете тоа и ништо повеќе“, рекол Вучиќ.

Земан нагласил дека „го цени фактот што Србија ја осуди руската агресија во Украина, бидејќи не може да се дозволи која било земја да го напаѓа соседот без причина“.

Слични содржини