Чешкиот претседател Милош Земан денеска беше примен во Централната воена болница во Прага, изјави портпаролката на болницата.
Таа не изнесе детали, но рече дека директорот на болницата ќе одржи брифинг со медиумите подоцна, објави Ројтерс.
Агенцијата РИА Новости пренесе дека кратко време по средбата помеѓу Земан и премиерот Андреј Бабиш, возило на брза помош го напуштило дворот на претседателската резиденција надвор од градот, придружувано од претседателскиот автомобил.
Телевизијата наведе дека после тоа, прес-службата на Централната воена болница објавила дека Земан е хоспитализиран.
На изборите што се одржаа во Чешка вчера и завчера, Земан гласаше во својата резиденција надвор од градот, при што доаѓањето на изборната комисија беше прикажано на видео, а моментот на гласање на Земан беше само на фотографија.
Земан мина осум дена во болница минатиот месец.