„Земјата повторно се отвора“: Холандија ги укина повеќето ограничувања

од Nikola Popovski
264 прегледи

Холандската влада објави дека на 25 февруари ќе бидат укинати повеќето здравствени ограничувања поврзани со сузбивањето на коронавирусот во земјата, кои забележаа пад на хоспитализациите и бројот на заразени.

„Земјата повторно се отвора“, рече министерот за здравство Ернс Куиперс на денешната прес-конференција.

Владата најави дека работното време на баровите и рестораните ќе биде вратено во режим пред пандемијата и најави крај на задолжителното носење маски на повеќето јавни места, како и регулатива за социјално растојание.

„Следниот петок ќе се вратиме на вообичаеното време на затворање“, рече министерот.

Холандија воведе некои од најстрогите ограничувања за коронавирусот во декември по скокот на бројот на случаи со омикрон, пред постепено да почне да ги укинува.

Маските сега ќе бидат задолжителни само во јавниот превоз и на аеродромите, рече министерот, додавајќи дека сепак е паметно да се биде внимателен, да се носи маска и да се држи растојание, но дека тоа повеќе не е задолжително.

Тој рече дека пандемијата сè уште не е завршена и дека чувствителните луѓе сепак треба да бидат внимателни.

Министерот ја презеде функцијата во новата влада на Марк Руте во јануари и брзо посочи дека сака да го врати општеството во нормала.

Слични содржини